Total Pageviews

Wednesday, January 6, 2010

317 секунди…

За момент запира се, само срцето почнува да чука со забрзан ритам. Четирите ѕида стануваат тесни и со секоја секунда се закануваат да го превземат она малку простор за дишење. Разумот започнува војна со желбата. Неподвижна појава почнува да трепери кога туѓите раце ќе ја земат како некогаш. Несвесно или не така несвесно ги става своите усни на правилното место и во следниот момент се впива во сега веќе статичниот субјект. Обидувајќи се да ги одбегне туѓите погледи на сожалување станува нервозна. Рацете треперат, а солзите се веќе на стартната позиција, заканувајќи се дека ќе ја започнат трката без да се означи стартот. Со последните делови од самопочитта (барем за тие што не ја познаваат) успева да стигне до просторијата каде нема тајни. Таму го доживува вториот шок. На прашањето: Како си?, одговара со покажување на рацете кои не може да ги контролира. Слабоста е покажана, но не и сфатена. Следниот момент веќе се е раздвижено, освен таа која неподвижна во мислите го реконструира настанот.

Фикција или предвидување…

Гледајќи во безживотното тело за прв пат сфати колкава штета може да нанесе зборот. Да не беше таа проклета кавга проследена со очајна потреба од алкохол, ништо од ова немаше да се случи… Пред само еден ден се беше совршено мирно, а сега? Сега веќе беше јасно дека во овој град нема што повеќе да бара…

Пребаруваќи низ она малку свесен разум кој го имаше во моментот, се присети на настаните од утрото кога упорното ѕвонење на телефонот и веселиот мелодичен глас во тандем се трудеа да му го започнат денот. Сеуште чувствуваше лутина па разговорот го прекина по 10 секунди, со познатата реплика: Ќе ти се јавам после. Никој нема право да ми го креира денот – промрморе во себе, не сфаќајќи дека обичните луѓе овој дел од денот го нарекуваат попладе. Овие принудни будења мора да запрат! Иако секое од нив беше проследено со причина, во неговиот свет ниту една од нив не ја наоѓаше за достојна. Мрзеливо посегна по последната цигара и шољата со кафе која синоќа ја остави врз масата.

Денес ќе го прекинам овој циркус од врска. Детето (никогаш не ја ословуваше на име) веќе не ми значи ништо – имаше обичај да и каже на својата единствена вистинска љубов (и муза), која ја сакаше само поради фактот дека не можеше да ја има.

Судејќи по температурата во просторијата, претпостави дека дома нема никој кој би се погрижил за греењето, па таа информација додатно му го влоши и онака веќе лошото расположение. Количината на алкохол која минатата ноќ си го најде своето место во крвта го наплаќаше својот данок. Помислувајќи на сите активности кои би требало да ги направи доколку ја напушти удобноста на својот кревет, сфати дека сеуште не е подготвен да го започне денот.

Неколку часови подоцна, силен врисок го врати во реалноста. Стана од креветот и препнувајќи се од столицата која му се најде на патот се придвижи кон бањата. Не можеше да сфати што се случува. Неговиот поглед се сретна со продорниот поглед на жената (тој ден го изгуби правото да ја нарекува мајка). Разумот вртоглаво се обидуваше да влезе во погон. Долу на подот две ококорени очи зјапаа во една точка. Ја подигна главата и во огледалото го забележа својот одраз кој без збор му се обрати со зборовите: Честитам, уште една жртва. Од собата се огласи познатата мелодија од телефонот која овој пат звучеше прекорно. Одбра да не одговори, да молчи (по можност засекогаш).

…Не се противеше премногу кога полицијата му земаше крв и го испрашуваше. Не и го знаеше името, не знаеше ниту дека има едвај 19 години. Се сеќаваше само на тоа дека вечерта претходно убаво си разговараа. Аутопсијата покажа дека малата умрела од преголема доза на дрога. Анализата на неговата крв во која најдоа единствено алкохол, го ослободи од секакви обвиненија. Пред законот беше чист, но пред себе и сите оние кои некогаш му значеа немаше образ да се појави. Знаеше дека ова е казната која го снајде поради сите зла кои до тогаш ги имаше нанесено. Сега беше сигурен дека ќе умре сам…